ЗА НАШИОТ ПАТРОН
Биографија за Кузман Јосифоски - Питу
Кузман Јосифоски - Питу (Прилеп, 23 јуни 1915 - Скопје, 25 февруари 1944) македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија (1941-1944).
Бил прогласен за народен херој на Југославија на 2 август 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување. Поради својата неуморна народно ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваат Гоце Делчев на НОБ (вториот Гоце Делчев).
Студирал на универзитетот во Белград каде бил и еден од предводниците на напредната студентска младина. Станал член на КПЈ во 1938 година. Бил еден од организаторите на студентското друштво „Вардар“ и на македонското национално движење МАНАПО. Од 1939 година бил испратен на партиска работа во Прилеп каде бил поставен за секретар на месниот комитет на КПЈ.
Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим. Поради несогласување со политиката на Методија Шаторов - Шарло бил исклучен од партијата.
Бил говорник на илинденската демонстрација (1940), на која била барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија.
Од 1940 година член бил на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Во февруари 1944 година му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине, но при обидот да го напушти Скопје, во Козле, во близина на некогашната фабрика Алумина бил застрелан од бугарски војник, на 25 февруари 1944 во Скопје.
Во центарот на неговиот роден град Прилеп, денес постои спомен плоча во негова чест која сведочи за неговиот прерано згаснат живот.
Кузман Јосифоски - Питу остава длабока трага во македонската историја поради својата неуморна народноослободителна дејност.